Две сопственички на приватни домови за стари лица во скопските општини Центар и Бутел се во притвор поради сомнение за суров, нечовечки и понижувачки третман на згрижените. Обвинителството соопшти дека во двата објекти биле утврдени сериозни прекршувања на стандардите за грижа, злоупотреба на лиценци и загрозување на достоинството и здравјето на корисниците.

Според истрагата, во домовите биле сместувани мажи и жени заедно, спротивно на сите правила, а поради недостиг од кревети, дел од корисниците спиеле на троседи во дневната соба, а имало случаи и двајца да делат едно единечно легло.

„Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица“, соопштија од Обвинителството.

Покрај прекумерниот број лица, контролите покажале дека во двата објекти се служела храна со поминат рок, а дел од згрижените биле заклучувани во изолирани простории. Обвинителите утврдиле и дека на поединци им биле давани лекови што не биле препишани од лекар.

„По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина“, информираат надлежните.

Надица Кекиќ, чия мајка речиси четири години била сместена во домот во Центар, за телевизијата Сител сведочи дека роднините немале пристап до собите на своите блиски и дека посетите се вршеле само во посебна просторија или во дворот.

„Јас не знам како изгледаше собата за мајка ми. Дали нешто таму имало или немало не можам да знам затоа што мојата мајка е дементна… Последно што се случи, после летните одмори, кога отидов видов дека малку ѝ е устата искривена и окото ѝ е паднато и кога отидов да им укажам дека жената или била на промаја и има пареза на фацијалниот нерв или можеби имала мозочен удар, една од сопственичките ми рече не сум ги видела вчера се вратив од одмор“, изјави Кекиќ.

По затворањето на домот, таа тврди дека институциите не ѝ понудиле никаква помош за повторно сместување на мајка ѝ:

„Вчера во 11:30 ми се јави социјален работник по телефон да ми каже дека до утревечер морам да ја извадам мајка ми од дом и да си ја земам затоа што домот веќе нема да работи… Пред домот беа некои 30-ина луѓе собрани да си ги земат своите. Тоа беше еден хаос, потпишувавме листови, изјави, дека ги земаме. Сите бевме во паника, ни ги носат надвор, работите во ќеси за ѓубре, колички не ни дадоа, а јас имав оставено и количка и дубак“, раскажа таа.

Обвинителството посочува дека сопственичките незаконски остварувале месечна добивка од над 36 илјади евра, и тоа со злоупотреба на лиценци и прекршување на сите законски прописи за згрижување на стари лица.