ДУИ синоќа ги продолжи средбите со граѓаните, но поделена на две групи. Огнената група во Битола додека лидерот на партијата, Али Ахмети во гостиварско Чегране. Во градот на албанската азбука, незадоволните Интегративци беа дури пречекани со огномети, додека во Чегране, симпатизерите на ДУИ беа поредени за да го пречекаат и поздрават Ахмети. Талат Џафери пак го пречека претседателот со аплауз, пренесува ТВ21.
Говорите започнаа во 19 часот, и иако на дистанца, сепак меѓусебните обвинувања беа синхронизирани. Потпретседателот Изет Меџити рече дека нема да престанат да го креваат гласот се додека извршната власт не се смени.
-Ќе го креваме гласот за оваа извршна власт што поскоро да се смени и на нејзино место да дојдат, не ние, не да го смениме Артан Груби со Изет Меџити или некој друг од овде. И ако треба да се прават реформи, да се направат со нови момци и девојки кои се израснати во духот на ДУИ, кои ја познаваат ДУИ, кои придонеле за ДУИ не ни треба некој од страна, платеник, да ни кажува каква треба да биде и како треба да изгледа ДУИ-рече Меџити.
Од друга страна, лидерот на партијата Али Ахмети рече дека не е загрижен поради Огнената група. Тој рече дека им кажал дека грешат.
-Овие мои пријатели, 3-4, колку се, кои излегуваат и кажуваат различно мислење, им кажав дека грешат, и им кажав како човек кој е во власта на земјава, дека грешат, бидејќи мене не можат да ми се наметнуваат ниту ултиматуми ниту програмски линии платформи, бидејќи нив ги поставува Конгресот а јас ги спроведувам одлуките на Конгресот и одговарам пред Конгресот, така што ДУИ никогаш не била посилна-рече Ахмети.
Но еден од тие што според Ахмети грешат, е и неговиот пријател од младоста, Муса Џафери кој вели дека не сакаат да ја урнат Владата, туку дека нивната цел е да се коригира работата на извршната власт.
-Тенденцијата не е да се наведат граѓаните и членовите на ДУИ за уривање на Владата, кои можат и да не обвинат, туку да се коригираат, да се освестат, да го обноват делот на ДУИ во Владата-рече Џафери.
ТВ21 направи прилог, повеќе може да погледнете во продолжение:
Поостар кон Огнената група беше Талат Џафери. Тој рече дека не знаат каде тераат.
-Не сакам да помислувам дека меѓу нас има контрадикторности од икс причини и жал ми е што паралелно, денеска ние сме во Чегране, а некој од нас оди и води кампања на друго место, и јас, на моите пријатели, од поранешните влади кои сме биле заедно, им испраќам порака, дека не знаат каде тераат-рече Талат Џафери.
Најмногу обвинувања од Огнената група за нереализирање на програмата, одат на адреса на Артан Груби, и поради највисоката функција што ја има како вицепремиер. Но тој се пофали за се што сработил тој а и сегашните министри. Дури рече дека никогаш не биле подобри.
-Има ли некој, било кој во Северна Македонија, од Албанците и другите, кој не вели дека денес сме подобри од кога било, бидејќи тоа го потврдуваме со дела кои ги спроведуваме, а не само со зборови-вели Груби.
Потпретседателот на партијата, Изет Меџити и пред неколку дена во Клик Плус рече дека ова што се случува со Артан Груби, претседателот Ахмети или не го гледа или постапува погрешно. Тој ја повтори неколку пати народната поговорка: “За една болва не се пали цел јорган“. Но и за ова Ахмети имаше одговор:
“И за една болва не се кршат ќерамидите од куќата, не се урива кровот на куќата“.