Во американските напади погодени воени бази и главното пристаниште во Венецуела – Мадуро заробен и изнесен од државата
Рано изутрината беа извршени американски напади врз повеќе воени и стратешки цели во Венецуела, при што се слушнале силни експлозии и биле забележани авиони во низок лет над главниот град Каракас.
Погодени клучни воени и стратешки цели
Давид Смолански, портпарол на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, за „Си-Би-Ес њуз“ изјави дека меѓу погодените цели се Фуерте Тиуна – главната воена база во Каракас, Ла Карлота – главната воздухопловна база, Ел Волкан – сигнална антена, како и Ла Гваира – главното морско пристаниште на карипскиот брег. Претходно, американски официјални претставници за истиот медиум потврдија дека наредбата за нападите ја издал американскиот претседател Доналд Трамп, при што биле таргетирани и воени објекти.
Вонредна состојба и обвинувања кон САД
По нападите, претседателот на Венецуела Николас Мадуро прогласи вонредна состојба во земјата. Од неговиот кабинет соопштија дека покрај главниот град Каракас, биле погодени и регионите Миранда, Арагуа и Гуара. Венецуелските власти директно ги обвинија САД, наведувајќи дека „Венецуела ја отфрла американската агресија“ и дека целта на нападите е одземање на нафтата и природните ресурси на земјата, додавајќи дека тоа нема да успее. Владата упати повик до сите политички и општествени сили за мобилизација.
Погледнете го видеото од нападите:
BREAKING NEWS 🇻🇪🇺🇸
The United States are interfering in the affairs of Venezuela, attacking military targets at air, naval, and ground army bases, especially in Caracas, with the help of dozens of Chinook
helicopters.What do you think after such events how much time does… pic.twitter.com/7XhnCcf0DL
— AdiiX (@adiiX_OG) January 3, 2026
Забрани за летови и тврдења за заробување на Мадуро
Федералната администрација за воздухопловство на САД воведе забрана за летови на американските комерцијални авиопревозници над Венецуела поради, како што се наведува, „ризици за безбедноста поврзани со тековната воена активност“. Забраната стапила на сила од 07:00 часот утрово по средноевропско време и ќе важи до утре во 08:00 часот, а не се однесува на странски или воени авиони. Во меѓувреме, Трамп на социјалните мрежи соопшти дека САД го заробиле претседателот Мадуро и го однеле од Венецуела, најавувајќи дека наскоро ќе одржи прес-конференција во неговиот дом во Мар-а-Лаго, на Флорида.
