Владата одобрила покачување на катастарските услуги и до 500%. Лажни се тврдењата на директорот на Агенцијата за Катастар, Тунџев, дека покачувањето е само 30%. Денес ќе презентираме докази кои покажуваат како власта преку нов Тарифник за услугите удира по џебот на граѓаните, геодетите, нотарите, банките, но во крајна линија народот, зошто тој е краен корисник на сите услуги кои ги пружа системот, истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева го соопшти вртоглавиот раст на ценеите во Катастар каде основните услуги се покачени до 500%. Во продолжение го пренесуваме интегрално нејзиниот говор.
– Да почнеме со ред:
-Ако до сега за вадење Векторски податоци од базата на инфраструктурни објекти се плаќало по 183 денари, од сега со дозвола на Владата на Ковачевски ќе се плаќа 1250 денари. Тоа се 583% покачување.
-За вадење Кординати односно за геодетска и детална точка се плаќало 67 денари, сега се плаќа 250 денари. Со дозвола на Ковачевски имаме 519% покачување.
-За известување по електронски пат за поднесени пријави и извршени промени во еден имотен лист се наплаќало по 50 денари, сега се наплаќа по 250 денари. Тоа е покачување од 400%.
-За впишување на промена на носител на право и вид на право во постапка на одржување, се плаќало 300 денари, за сега со дозвола на Владата да се наплаќа 1250 денари. Tоа пак е покачување од 316%.
-Предбележување како условно запишување односно бришење на извршеното предбележубање до сега се наплаќало 300 денари, од сега со дозвола на Владата ќе се наплаќа 1250 денари. Односно услугата е покачена за 316%.
-Промена на лични и адресни податоци за носителот на правото, личните и адресните податоци во имотен лист за инфраструктурни објекти се наплаќало 500 денари, сега се наплаќа 1250 денари. Тоа е покачување за 150%.
-Запишување односно бришење на податоците од Интабулационите книги преземени од судовите, се наплаќало 500 денари, од сега ќе се наплаќа 1000 денари. Односно 100% покачување.
– Вадење на имотен лист, лист за предбележување на градба, пописен лист со незапишани права, евидентен лист, лист за времени објекти, имотен лист за инфраструктурни објекти, лист за предбележување на инфраструктурен објект, евидентен лист за инфраструктурен објект до сега чинело 180 денари, а сега секоја од овие услуги поединечно чини 250 денари. Тоа е покачување за 39%.
Каде имаме намалување со кое се фали директорот. Впрочем, ако може да се каже намалување, или попрецизно мизерно намалување кое се мери во нула запирка неколку проценти се гледа во некои периферни услуги, кои граѓаните практично многу ретко ги користат. Тука имаме намалување од 0.57% за услугата за вадење на Векторски формат на граници за комплет населени места и исто вакво срамно намалување што не може ниту да се квалификува како такво, а спаѓа во категоријата статистички грешки е вадење на Геореференцирана вертикална претстава на катастарскиот план, услуга која до сега се наплаќала 756 денари, а од сега ќе се наплаќа 750 денари, замислете 6 денари намалување или тоа е намалување од 0.79%.
Владата и Агенцијата за Катастар се погрижиле да ја имаат и најскапата државна услуга не само во Македонија, туку можеби и во регионот, а тоа е воведување на нова услуга, таканаречено издавање на сервис за спој катастарски парцели/згради, кој за територија на цела Македонија би чинел 1 милион евра.
Со оваа нова услуга, Катастарот на Македонија ја има најскапата јавна услуга на светот и чини 1 милион евра.
Ова се фактите кои го потврдуваат енормното зголемување на цените, а лагите на Тунџев дека има намалување на услугите на Агенцијата за Катастарот празни ветувања кои ги дава пред граѓаните“.