Вкупното ниво на странски инвестиции во изминатите 24-25 месеци, откако е избрана оваа Влада, изнесува околу една милијарда и 400 милиони евра, изјави денеска во Прилеп премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за владините резултати од привлекување на инвестиции изминативе две години.
Правејќи споредба со резултатите од работењето на претходниот владин состав, премиерот истакна дека разликата е повеќе од очигледна.
-Она што можам да го кажам е дека, ако се направи анализа, да речеме, во последните две години, односно во овие 24-25 месеци откако оваа Влада е избрана, вкупното ниво на странски инвестиции е некаде околу една милијарда и 400 милиони евра. Иако секогаш ми велат „не се споредувај со претходно“, но ние мораме да се споредиме и со претходната влада, бидејќи ние сме влада која победила. Претходната влада понудила нов концепт и е избрана од граѓаните и е таму каде што е. Затоа мора да се споредуваме, колку и да била лоша таа. Ако ги споредиме овие две години со првите две години, тогаш кога немаше кризи, тогаш ќе стане збор за споредба помеѓу отприлика една милијарда и 400 милиони евра кај оваа Влада и околу 750 милиони евра кај претходната влада. Бројките се јасни. Разликата е огромна, без разлика дали тоа ќе го конвертираме како бројка визави глава на жител или како вкупна бројка – рече Мицкоски, кој денеска присустуваше на отворањето на новиот погон на фабриката „ВИК“ (WIK) во ТИРЗ Прилеп.
Тој нагласи дека Владата останува целосно ориентирана кон привлекување како на странски, така и на домашни инвеститори, посочувајќи ги најновите активности на овој план.
– Станува збор за сериозна разлика. Вчера имавме почеток на една огромна инвестиција од половина милијарда долари. Сопственикот на таа инвестиција рече дека ќе ја дуплира таа инвестиција. Практично, тоа не е прва и последна инвестиција, туку продолжува и понатаму. Тоа е ветерниот парк кој ќе се протега во општините Радовиш, Штип и Карбинци. Денеска пуштаме нов производен погон во „ВИК“ овде, во Прилеп. Продолжуваме и понатаму, така што Владата е целосно ориентирана кон привлекување инвеститори. Ќе повторам: и меѓународната заедница, односно странски инвеститори, но и домашни инвеститори, се разбира – додаде премиерот Мицкоски.
