Брзата и нерегулирана урбанизација е еден од факторите што ги прави градовите „критично ранливи“ на природните опасности.

Силните земјотреси во понеделникот уриваа високи згради во делови на Турција и Сирија, при што загинаа повеќе од 4.400 луѓе. Спасувачките операции продолжуваат.

Две големи пукнатини долж Анадолската плоча предизвикаа серија големи земјотреси.

Првиот земјотрес, со јачина од 7,8 степени по Рихтер, рано наутро во понеделникот, по кој неколку часа подоцна следеше земјотрес со јачина од 7,5 степени, имаше иста јачина како и оној во кој загинаа околу 30.000 луѓе во североисточна Турција во 1939 година.

Земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот град Измит во 1999 година, при што загинаа повеќе од 17.000 луѓе.

Експертите велат дека неколку фактори го влошиле земјотресот.

„Една од причините зошто бројот на жртвите е толку голем е лошиот квалитет на зградите“, рекол за Ал џезира Мустафа Ердик, професор на опсерваторијата Кандили на Универзитетот Богазичи и Институтот за истражување на земјотреси во Истанбул.

Лош квалитет на градба на зградите

Турската национална стратегија за земјотреси и акционен план (ПДФ) за 2012-2023 година наведува дека масовната и брза миграција во текот на 1950-тите довела до слабо надгледуван урбан развој, правејќи ги градовите „критично ранливи“ на природни опасности.

По земјотресот во 1999 година, турските институции ја препознаа итната потреба за намалување на ризикот во земјата подложна на земјотреси, а следната година беше одобрен закон за спроведување задолжителни градежни проверки и градежни инспекции на сите згради.

Сепак, зградите изградени според прописите отпорни на земјотреси сè уште се во помал број.

„Оние што беа урнати датираат од пред 2000 година“, рече Ердик.

6.217 згради низ југоисточна Турција се урнаа во понеделникот, според државната агенција за катастрофи.

Најмалку две болници, една во Хатај и една во Искендерун, беа меѓу нив, вели дописничката на Ал џезира од Истанбул, Синем Косеоглу.

Таа додава дека огромниот обем на многуте срушени повеќекатници ги отежнува спасувачките напори, бидејќи сѐ уште се чувствуваат силни последователни потреси.

Земјотресот ги затекна луѓето на спиење

Друга причина за високиот биланс на жртви е времето на првиот удар – додека луѓето спиеле во 4:17 часот по локално време и сега многумина се заробени под урнатините.

Турските власти измерија уште еден земјотрес, со јачина од 7,5 степени по Рихтер, во 13 часот и 24 минути по локално време на четири километри јужно и југоисточно од градот Екиноз во Кахраманмараш, каде што неколку часа претходно погоди земјотресот со јачина од 7,8 степени.

Снимките во живо од локалните медиуми покажаа дека повеќе згради се уриваат во градот Малатја за време на последниот силен земјотрес.

Но поновите згради не беа единствените оштетени.

Замокот Газијантеп, кој потекнува од времето на Хетитското кралство и бил проширен под Римското царство, делумно се урна.

 

 

На снимките објавени од локалните медиуми се гледа како делови од замокот паѓаат на патот под него.

Турската влада прогласи вонредна состојба на четврто ниво, која вклучува повик за меѓународна помош и мобилизација на сите национални сили.

Крис Елдерс, професор на австралискиот Универзитет Куртин, рече дека длабочината на првиот земјотрес од околу 18 километри исто така придонела тој да биде особено разорен.

На мала длабочина, вели тој, „енергијата ослободена од земјотресот ќе се почувствува многу блиску до површината со многу поголем интензитет отколку кога би била подлабоко во земјината кора“.

 

 

Начи Горур, сеизмолог од Турската академија на науките, ги повика локалните власти веднаш да проверат дали има пукнатини во браните во регионот за да се спречат потенцијално катастрофални поплави.

На Сирија ѝ недостигаат ресурси за реакција при итни случаи

Во соседна Сирија, се урнаа зградите во појасот по должина на турската граница, која се протега од Алепо и Хама до турскиот град Дијарбекир, на повеќе од 330 километри кон североисток.

Хуманитарните организации стравуваат дека сегашниот број на загинатите во Сирија – повеќе од 1.444 луѓе – може да се зголеми, бидејќи спасувачките тимови се лошо опремени да реагираат на итни случаи.

„Машините се стари и нема доволно багери за помош“, рекол за Ал џезира Меј Ал Сајег, портпарол на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Тања Еванс, директорка на Меѓународниот комитет за спасување за Сирија, рече дека земјотресот е „уште еден разорен удар за таквото ранливо население, кое веќе се бори да преживее во годините по конфликтот“.

Првичните извештаи од нејзиниот персонал на теренот покажале дека ударот на земјотресот е разорен во областите каде што живеат голем број раселени и ранливи семејства, токму кога земјата ја погоди снежно невреме и температурите се намалија.

„Овој земјотрес само ќе ги зголеми количеството и сериозноста на потребите на теренот“, рече Еванс.