Инаку, изборите за советници во 80 општини и во Град Скопје се спроведуваат во еден изборен круг, според пропорционален модел и даваат поверодостојна слика за рејтинзите на политичките субјекти од изборите за градоначалници, кои се според мнозински систем и во два изборни круга.
Во текот на продолжениот викенд, беа пласирани неколку анкети на јавното мислење од кои произлегуваат различни прогнози за изборниот исход, а на полноќ, стапува на сила забраната за објавување испитувања на јавното мислење, пред локалните избори на 17 октомври.
На локалните избори во 2017 година СДСМ освои најмногу гласови од сите учесници на советничките листи. Поточно, збирот на гласови во сите 80 општини беше над 420 илјади, кои им донесоа на социјалдемократите околу 530 советнички места, наспроти 415 советнички мандати на ВМРО-ДПМНЕ, која во оваа „категорија“ тогаш освои над 335 илјади гласови.