По охриѓани, пак, Заев ги повика на обединување и поддршка за кандидатот на СДСМ, Константин Георгиевски, кој во вториот круг ќе се трка со Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, изборот е по кој правец ќе се движи Охрид – дали тоа ќе биде редот, правдата, правичноста и вложувањето во граѓаните и економскиот развој или неправдата, уништувањето на градот и езерото и трошењето на парите во криминални тендери.

Во општините каде кандидатите на коалициските партнери на социјалдемократите ќе се соочат со кандидати од опозициските партии во вториот изборен круг, СДСМ ќе даде поддршка на тие од коалицијата, меѓу нив и на Рамиз Мерко во Струга, за кого партискиот лидер Зоран Заев претходно изјавуваше дека се „изгореле“ што го поддржале на изборите во 2017.

„Секаде каде сме поставени со коалициските партнери, а СДСМ нема свој кандидат, кога од спротивната страна е опозициска партија, во принцип ја даваме поддршката на коалицискиот партнер. Така што, во Струга даваме поддршка на Рамиз Мерко, во Кичево на Фатмир Дехари, во Гостивар на Невзат Бејта, во Чаир на Висар Ганиу и соодветно во другите општини. Исто како што ја очекуваме и ја добиваме поддршката од нашите коалициски партнери“, изјави Заев од Охрид.

На новинарско прашање зошто ќе го поддржат Мерко во Струга кога неодамна изјави дека е разочаран од него, Заев вели дека имало промена во работата.

„Имаше доста промени после тоа. После моите апели, кога Коста (Константин Георгиевски) почна во името на иднината на Охрид да преземе чекори кои значат потврдување на статусот на УНЕСКО на Охрид и охридскиот регион, во тој момент не бевме задоволни од градоначалникот Мерко. Со задоцнување од недела-две почна и тој“, одговори лидерот на СДСМ.

Тој вели дека Мерко почнал со активности кои значеле рамномерно урбано развивање на градот и населените места без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Торбеши или други.

„Денеска ја има и природната поддршка Рамиз Мерко, верувам дека таа поддршка ќе го направи ќе го направи победник, а сите низ животот учиме, критиките се здрави и добредојдени, низ нив може да учиме многу, да им служиме уште подобро и уште поефикасно на граѓаните“, рече Заев.