-Решението е некаде тука, околу нас. Мора да го најдеме. Секојпат се надевам дека разговорите ќе бидат успешни, но дури и да не успееме овој пат, сепак ќе направиме чекор напред и ќе се надеваме дека ќе успееме следниот пат, рече Заев пред средбата со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Заев истакна дека мора да се поддржуваме и да си помагаме едни на други. „Мораме да сториме сè за да се поддржуваме и помагаме едни на други. Ние мора да ја поддржиме целокупната иднина на Балканот, а таа е во Европската унија“, додаде тој.

Заев придружуван од вицепремиерот, Никола Димитров, и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска се во посета на Софија.

Како што соопштија од Владата, целта на посетата е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Македонија.

Премиерот и владината делегација ќе имаат средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии.