Христијан Стојанов – 18-годишниот херој кој спасуваше животи во пожарот во Кочани
Осумнаесетгодишниот Христијан Стојанов е уште еден херој од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој не размислувајќи за сопствениот живот, влегол во пламенот за да спасува луѓе.
Стојанов, кој е ученик во Средното текстилно училиште во Штип, за штипската телевизија „ТВ Стар“ зборуваше за своето искуство во ноќта на 16 март – за спасувањето животи, помошта од обезбедувачите, деновите поминати во болница и траумата со која се соочува.
„Знаев дека мораме да влеземе внатре“
Христијан бил надвор од дискотеката кога го здогледал огнот и веднаш се сетил дека неговиот братучед е внатре.
Кога ја видовме глетката пред дискотеката, се погледнавме со мојот близок другар Давид Симонов и знаевме дека треба да влеземе внатре. Не се сеќавам како успеав да ја натопам маицата, но ја ставив на устата и влегов внатре. Се обидувавме да извадиме што повеќе луѓе. Оние кои беа живи не можеа да излезат од чадот што им ги печеше очите. Им подававме рака и ги влечевме надвор. Оние кои беа онесвестени ги носевме пред дискотеката. Надвор имаше луѓе кои немаа храброст да влезат, но ги преземаа повредените и ги носеа настрана, обидувајќи се да ги освестат или да ги однесат во болница – раскажа Стојанов.
Не избирал кого да спаси – се борел за што повеќе животи
Младиот херој вели дека внатре имало повеќе негови познаници, но во тие моменти не размислувал дали спасува некој што го познава или не. Негова цел била само да извлече што повеќе луѓе.
Според него, бројот на загинатите ќе бил уште поголем без обезбедувањето, кое им давало инструкции каде да одат за да ги извлекуваат луѓето.
Ни кажуваа од каде да одиме, ни помагаа во целата ситуација – раскажа тој.
Кога стигнал пред дискотеката, вратата повеќе не била блокирана. Тоа се случило пред тој да стигне.
Неговите блиски не преживеале – „денови по пожарот не можев да заспијам“
За жал, некои од неговите блиски другари, кои биле при свест, не издржале.
Денови по пожарот не можев да заспијам од глетките што ги видов – вели Стојанов.
Тој поминал десет дена во болница во Скопје, каде примал терапија, инфузии и постојано бил на кислородна поддршка.
По враќањето од „Пулс“ дома, ми снема воздух. Во болницата во Скопје секојдневно добивав медицинска грижа, а таму работеа и психолози и психијатри со кои разговаравме – раскажа тој.
„Горд сум што успеав да спасам животи“
И покрај сè што преживеал, Христијан Стојанов е горд на себеси, бидејќи успеал да извлече луѓе кои денес се живи.
– Не очекувам ништо за возврат, затоа што во прашање беа човечки животи – завршува тој.
Претходно, за спасувачките напори и кобната ноќ во која 59 луѓе го загубија животот, сведочеше и 19-годишниот Јован Костадинов.