Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ иницираше заедничка посета на премиерите на Западен Балкан на Киев, но според последните информации со него во Украина ќе отпатува само неговиот албански колега Еди Рама, пишува денеска подгорички „Вијести“.
Претставници на Владата на Северна Македонија вчера за локалните медиуми изјавија дека премиерот Димитар Ковачевски нема да оди во Киев „поради интензивната агенда“.
Датумот на посетата сè уште не е прецизиран, а претседателот на собраниската Комисија за меѓународни односи и емигранти, Миодраг Лекиќ (од Демос) изрази надеж оти веста за заминување во Киев не влегува во дневната доза пропаганда, која, според него, е упадливо висока на црногорската политичка сцена.
Тој истакна дека за украинскиот народ, но и за Зеленски ќе биде добро посетите да немаат формален, медиумско-ревијален карактер, туку конкретни содржини – пред сè за мир, прекин на војната и дипломатско решение на конфликтот.