Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец, но вирусот не се шири директно од човек на човек. Најчесто заразата поминува без симптоми или со лесни тегоби, но кај дел од пациентите може да предизвика сериозни невролошки компликации. Особено внимателни треба да бидат лицата постари од 50 години.

Комарецот се инфицира кога се храни со крв од заразена птица, а потоа вирусот може да го пренесе на човек со убод. Западнонилската треска најчесто ја пренесуваат обичниот и тигрестиот комарец. Вирусот не се пренесува преку допир, бакнеж или нега на лице кое е заразено.

Поголемиот дел од луѓето кои ќе се заразат немаат никакви симптоми. Кај оние што ќе развијат тегоби, најчести се покачена телесна температура, главоболка, болки во мускулите, осип и зголемени лимфни јазли.

Сепак, кај помал број заразени, особено кај лицата постари од 50 години, инфекцијата може да доведе до сериозни компликации. Меѓу нив се енцефалитисот и менингитисот, а во ретки случаи може да дојде и до трајни оштетувања на нервниот систем.

Иако нема докази дека вирусот директно се пренесува од птици на луѓе, се препорачува угинатите птици да не се допираат со голи раце. Специфична терапија за западнонилската треска не постои. Кај пациентите со потешка клиничка слика се применува болничко лекување и симптоматска терапија.

Лекарите советуваат веднаш да се побара медицинска помош доколку по убод од комарец се појават висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, мускулна слабост, збунетост или чувствителност на светлина.

За намалување на ризикот од инфекција, се препорачува користење средства против комарци и носење облека со долги ракави и ногавици, особено во периодот од самрак до зори. Дополнително, на прозорците треба да се постават заштитни мрежи.

Важна превентивна мерка е и отстранувањето на застоената вода околу домовите, бидејќи токму во такви места комарците ги положуваат своите јајца.

Иако ризикот од заразување по убод од комарец е мал, експертите предупредуваат дека постарите лица и хронично болните треба да бидат особено внимателни. Тие треба доследно да ги применуваат препорачаните мерки за заштита.