Вистинска драма се случувала кај касарната во Гевгелија утрово, кога полицајци запреле два автомобила во кои илегално се превезувале мигранти. Еден од возачите-шверцери со луѓе, притоа нападнал полицаец и се обидел да му го земе службениот пиштол, а во мешаницата бил истрелан куршум кој завршил во еден од мигрантите, соопшти полицијата.
„Денеска (19.04.2023) околу 06.20 часот кај Касарна Гевгелија од страна на полицијата биле забележани автомобил „Мерцедес”, управуван од К.Ј. (26) и автомобил „Форд Фокус”, управуван од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полицајците по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот“, се вели во соопштението од МВР.
„Притоа, полицаецот испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош, каде починал“, додаваат од полицијата.
К.Ј. и С.Б. се приведени, а притоа се фатени и осуммина мигранти.
Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот. На место е извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.