Сепа од октомври. Деловните банки од Македонија ќе можат да се приклучат кон платните системи на Единствената област за плаќања во евра – СЕПА. Оваа долгорочна стратегиска иницијатива ќе обезбеди побрзи, поевтини и поедноставени прекугранични трансакции во евра. Ова го информира вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска.
Граѓаните ќе добијат евтини и експресни трансакции
Преку пристапот кон СЕПА, граѓаните ќе можат да примаат пари од странство. Вклучително и дознаки од иселениците – во истиот или следниот работен ден, со драстично намалени трошоци. Банкарските институции ќе бидат обврзани да ги пренесат овие придобивки и на клиентите преку намалување на надоместоците.
СЕПА ќе го олесни и електронското банкарство
Народната банка веќе направи чекори за поједноставување на процедурите, вклучувајќи го и укинувањето на обврската за доставување документација при тековни трансакции во странство, како што се плаќање школарина или одмор. Истото ќе важи и за капитални трансакции, освен кај специфични случаи со законска обврска.
Македонија станува дел од СЕПА: Што значи ова за граѓаните и економијата?
Оваа мерка значајно ќе го унапреди онлајн и мобилното банкарство, кое бележи годишен раст од над 40% во 2024 година, според податоците на Народната банка.
Брз пристап до средства од странство без сложени барања
Дополнително, се олеснуваат и процедурите за приливни плаќања, вклучително и хонорари. Средствата ќе бидат достапни веднаш или во рок од еден ден, без обврска за приложување договори или фактури, освен во случаи каде што тоа е законски потребно.
Високи лимити и контрола на безбедноста
Преносот на средства како подарок нема да биде ограничен по износ, освен кај инстант плаќањата каде лимитот ќе биде 100.000 евра. Контролата за спречување перење пари и финансирање тероризам ќе остане на сила, согласно меѓународните стандарди.
Народната банка: Стратешка подготовка за европски стандарди
Процесот на интеграција во СЕПА вклучува правна, техничка и оперативна усогласеност со европските стандарди. Народната банка го следи процесот со засилен ангажман и тесна соработка со деловните банки во земјава.