Во врска со денешните јавни настапи и изјави на Трендафилов, Владата најостро реагира на обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог.
-Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот. Ова е конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира истиот да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати, велат од Владата.
Порачуваат дека социјалниот дијалог се води таму каде што му е местото, во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.
-Сите обиди истиот да се претвори во лажни наративи и самоволни појавувања, се неодговорни и штетни по интересите на работниците, кои наводно се бранат. Владата останува цврсто посветена на конструктивен социјален дијалог, но нема да дозволи истиот да биде злоупотребуван за дневнополитички калкулации, велат од Владата.
