Владата на денешната седница ќе ги разгледува двете законски решенија кои се однесуваат на најавеното намалување на ДДВ на електричната енергија и воведувањето еколошка такса на горивата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека Владата ќе оди со предлогот одлуките за ова да важат од 1 јули и со намера дека во Собранието ќе успее да се изгласаат во тој период.

Според предлогот, ДДВ кај електричната енергија за домаќинствата треба од 1 јули да се намали од 18 на пет насто, потоа наредната година да биде на ниво од 10 насто и третата година да се врати на 18 насто. Целта е да им се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија.

Додека кај еколошката такса, Бесими посочи на тоа дека се однесува на друг закон што е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање и дека тоа е за дополнителен износ на она што веќе постои во законското решение со цел да се поддржат зелени проекти, а не како претходно делот на акцизата на горивата.

Стопанството алармира оти Владата досега не побарала официјално мислење во врска со воведување на новата давачка. Експертите и јавноста бурно реагираа зашто новиот зелен данок кој ќе важи од 1 јули, ќе ја подгрее инфлацијата и ќе удри врз џебот на граѓаните. Бизнисот очекува Владата да се премисли.