Владата на денешната седница го разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија и одлучи документот да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

Од Владата велат дека Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата како и претставници на политички партии, и тоа со едногласна поддршка на содржината на текстот, по што точката е ставена на дневен ред на денешната владина седница на предлог на Министерството за правда.

Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.

-Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека промената на Уставот ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ.

-Владата повикува на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и напротив, конечно да ги реализира европските перспективи, заклучуваат од Владата.