Денеска Владата го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Република Албанија. Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на Република Македонија кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе функционира со Србија и Косово. За целосна финализација останува да се потпише договор меѓу двете министерства за внатрешни работи.
Воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин Ќафасан, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија. Ова ќе овозможи поедноставно, побрзо и побезбедно преминување на државната граница, особено во летниот период кога значително се зголемува фреквенцијата на патници и кога во минатото граѓаните често укажуваа на долгите чекања на граничните премини.
Потребата од вакво решение најдобро ја потврдува фреквенцијата на патници на граничните премини со Република Албанија. Во текот на 2025 година, на овие гранични премини биле регистрирани вкупно 4.581.724 патници, од кои дури 2.318.080 на граничниот премин Ќафасан. Овие бројки ја истакнуваат важноста од воведување на системот „One Stop Shop“, кој ќе овозможи побрз и поефикасен проток на патници и ќе придонесе за намалување на времето на чекање на границите.
Извор: Курир
