Владата го разгледа мислењето на Министерството за правда во врска со постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Како што информираше владиниот портпарол Марија Митева, Министерството утврдило низа неправилности во функционирањето на Јавното обвинителство, што довело до сериозна дискусија во Владата.

ЗАПОЧНАА ОСТАВКИТЕ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО: Наташа Крстевска Цалева си даде оставка

Министерството за правда да подготви предлог за разрешување на јавниот обвинител

„Владата го задолжи Министерството за правда да подготви предлог за разрешување на јавниот обвинител, кој ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители за понатамошно постапување“, изјави Митева.

Таа посочи дека во мислењето на Министерството се нотирани сериозни проблеми во Јавното обвинителство, вклучувајќи:

  • Нарушен углед на институцијата, што е спротивно на член 4, став 1 од Законот за јавно обвинителство.
    Низа скандали, корупција и неефикасност, кои го загрозуваат владеењето на правото.
    Незаконски постапувања и прекршување на принципите за самостојност во работата на обвинителите.

Владата ја истакнува и општествената одговорност

Митева нагласи дека состојбата во обвинителството не е само перцепција на Владата. Според неа таа е потврдена и во извештаи со конкретни, мерливи и објективни показатели.

„Овие неправилности предизвикаа тешки последици врз функционирањето на институцијата и претставуваат сериозна професионална грешка“, додаде таа.

Владата смета дека јавниот обвинител, покрај правна, треба да сноси и општествена одговорност пред органот што го избрал и пред граѓаните чии интереси треба да ги штити.

По доставувањето на предлогот од Министерството за правда, конечната одлука за разрешувањето на Коцевски ќе ја донесе Советот на јавните обвинители.