Владата денеска ги именува своите повереници за општините Маврово Ростуше, Центар Жупа, Врапчиште и Гостивар во кои не се избраа градоначалници во текот на првиот круг од локалните избори. Претходно, ДИК ја извести Владата дека во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа.
-Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот Законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар – соопшти Владата.
Воедно, Владата ќе го извести претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник. ДИК веќе ја отвори нова изборна постапка која почнува однова со процесот на кандидидирање на претендентите за избор на градоначалник на изборите закажани за 11 јануари.
