Владата на Република Македонија на денешната седница ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да се одобри превоз на патници со максимален капацитет од 100% на сите превозни средства со максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19, со обврска превозниците одговорно да ги спроведуваат и контролираат мерките за лична заштита заради превенција предвидени со протоколот за организирање превоз на патници.

На денешната седница Владата донесе одлука да се дозволи влез на придружниците на патниците на меѓународните летови во двете аеродромски згради на ТАВ согласно одредбите за лична заштита опфатени со протоколите за управување со меѓународните аеродроми во нашата земја.

На оваа своја седница, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.

Според овие предлог измени, данокот на додадена вредност за прометот и увозот на електричната енергија за домаќинствата да се намали од 18 на пет отсто за период од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата да изнесува 10 проценти. За периодот по 1 јули 2023 година даночната стапка да изнесува повторно 18%.

Целта на овие измени и дополнувања на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата со намалување на нивните трошоци.

На предлог на Агенцијата за млади и спорт, на денешната седница е разгледана и усвоена и Информацијата за проектот „Дигитализирање на Европската младинска картичка“, кој како процес има за цел да им обезбеди на младите корисници на оваа картичка да ги користат услугите што се предвидени со неа преку своите мобилни уреди, потоа да се олесни дигиталното аплицирање за добивање на Европската младинска картичка, како и да се обезбеди едноставен пристап до сите информации каде и кои услуги можат да се добијат со оваа картичка.

Младите на возраст од 15 до 29 години, како корисници на Европската младинска картичка можат да користат поволни услуги ширум Европа, а од почетокот на овој проект во јуни 2019 година во нашата земја до сега се издадени повеќе од 4.500 картички и се направени повеќе од 350 договори со правни субјекти кои своите услуги им ги ставаат на располагање на корисниците на картичките.

На оваа седница Владата донесе одлука електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, да му биде предаден на Министерството за локална самоуправа.

Системот, кој е во полна оперативна функција достапен на локацијата www.sirera.mk и содржи податоци за сите проекти за регионален развој за периодот од 2013 до 2021 година, претставува алатка за транспарентност и за преглед на администрирањето на сите активни проекти наменети за рамномерен развој на регионите во земјата.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец јуни 2021 година и го задолжи Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28.06.2021 година.

Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со јунските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.06.2021 година.

Исто така, на банките им се препорачува преку нивните филијали и експозитури да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.06.2021 година (вторник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.06.2021 година (среда);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 01.07.2021 година (четврток); и
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 02.07.2021 година (петок).