Сајбер одбраната што ќе ја плаќа Владата за јавната администрација во наредните три години ќе чини 25 милиони евра, наместо досегашните 15 милиони, објави Фактор.

Набавката на софтверски лиценци и сервиси, што е една од цените што треба да ја плаќаме како 30-та членка на НАТО, ќе не чини 1.520.343.083 денари што во наредните 36 месеци ќе му се исплаќаат на конзорциумот Крејон Македонија – Аитоникс.

Новиот договор склучен со Владата и истовремено објавен на електронскиот систем за јавни набавки е значително поскап во однос на претходниот постигнат пред три години со истото партнерство. Тогашниот договор чинеше 900 милиони денари, односно 15 милиони евра, а Владата им ги исплаќаше овие пари на Аитоникс и на Крејон дел по дел.

Новиот договор е склучен во долари како валута. Договорена е исплата на 26,5 милиони долари. Наведената сума ќе мора да се обезбеди дури и ако доларот во наредниот период значително зајакнува во однос на денарот.

Понудата не била најниската. Имало и таква за 22,7 милиони долари. Останати понудувачи биле Комтрејд Дистрибуција, Softwareone AG и Телелинк бизнис сервисис.

„Крејон Македонија“ е една од најголемите фирми во Македонија кои прават приходи во милиони евра а при тоа немаат ниту еден вработен. „Аитоникс“ е компанија во сопственост на Јордан Димитровски. „Крејон“ групацијата е еден од најголемите партнери на “Мајкрософт “ во светски рамки, а АД „Аитоникс“ е негов долгогодишен партнер и дистрибутер во Македонија.

Минатиот договор за сајбер одбрана го потпиша претходниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, непосредно пред да ја напушти функцијата.