Младите и граѓаните пред сè
Кандидатката за Градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, во интервју за ТВ21 истакна дека политичките интереси не смее да го диктираат работењето на институциите кога станува збор за животната средина и инфраструктурните предизвици.
„Јас мислам дека кога станува збор, пред сè, за животната средина, не треба да ги гледаме политичките интереси. Тие интереси конечно мора да излезат од Градот Скопје, а впрочем и од сите институции, ако навистина сакаме да имаме здрава животна средина,“ изјави Шукова.
Таа потсети на успешната соработка со сите градоначалници за време на својот мандат како министер, без разлика на нивната политичка припадност, и нагласи дека ваквиот пристап треба да биде модел за сите идни политичари.
Отвореност и транспарентност како клуч
„Секогаш бев отворена за соработка, и мислам дека така треба да работи секој политичар во оваа држава. Зборуваме за интересот на граѓаните, не само на Скопје, туку и на целата држава,“ додаде таа.
Шукова потенцираше дека само преку координација помеѓу централната и локалната власт и активно вклучување на невладиниот сектор може да се постигнат реални резултати.
„Локалните самоуправи сè уште зависат од поддршката на државата, но тоа не треба да се злоупотребува. Владата мора да помага на сите општини без разлика кој е градоначалник и од која политичка партија доаѓа,“ порача Шукова.
Таа заклучи дека невладините организации со своето знаење и искуство можат значително да придонесат за реализација на проектите, доколку институциите се отворени кон нив.
„Кога сте отворени кон нив, добивате реална соработка и резултати,“ истакна кандидатката.