Денеска, во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, се одржа значајна средба помеѓу премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски и премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер.
Во официјалното соопштение никаде не се споменува соработка за кампови со мигранти, лажна вест која ја шират неколку портали од Македонија.
Ново стратешко партнерство помеѓу Македонија и Обединетото Кралство
Британскиот премиер ја поздрави воспоставата на ново стратешко партнерство меѓу двете земји, кое има за цел да ја продлабочи соработката и да ја зајакне пријателската врска меѓу Обединетото Кралство и Македонија. Како што пренесува официјалниот сајт на британската влада новото партнерство ќе овозможи поблиска соработка во клучни области како економски развој, трговија, одбрана и безбедност.
Заедничко дејствување против криминалните групи
Во фокусот на разговорите беше и приклучувањето на Македонија кон Заедничката работна група за миграции. Сајтот на британската влада пренесува дека иницијатива има за цел да ја засили регионалната координација во спречувањето на нерегуларната миграција преку Балканот и да се дејствува против криминалните групи што го поттикнуваат овој процес.
Поглед кон самитот за Западен Балкан во октомври
Двајцата премиери изразија поддршка за натамошно продлабочување на односите меѓу Обединетото Кралство и регионот на Западен Балкан. Воедно, со оптимизам гледаат кон претстојниот Самит за Западен Балкан кој ќе се одржи во октомври.
Средбата заврши со заедничка заложба за продолжување на дијалогот и соработката во интерес на двете земји и нивните граѓани.