Најавена соработка меѓу Министерството за локална самоуправа и ИНОВА

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата започнува нова иницијатива насочена кон поголемо вклучување на младите во работата на локалната самоуправа, преку стратешка соработка меѓу Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.

Од партијата велат дека „врвен приоритет на владата на ВМРО-ДПМНЕ се младите за кои се создаваат услови да ја градат својата иднина дома“.

Според соопштението, во текот на август и септември ќе започне програмата „Месеци на практикантство“, која ќе се реализира во соработка со државните универзитети.

„Во текот на август и септември започнува програмата „Месеци на практикантство“, во соработка со државните универзитети преку која студентите директно ќе се вклучат во работата на општините. Наместо да бидат неми набљудувачи, младите ќе станат активни учесници во подобрувањето на локалната самоуправа“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение се додава дека ИНОВА ќе го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и меморандумите со државните универзитети, ќе ја организира практичната работа согласно потребите на општинските администрации.

Најавена поддршка за стартапи и иновативни решенија

ВМРО-ДПМНЕ информира дека преку грант-програмите на ИНОВА ќе се поддржуваат стартапи, иновативни компании и претприемачи кои ќе понудат решенија за потребите на општините.

„Истовремено, преку грант-програмите на ИНОВА ќе се поддржат стартапи, иновативни компании и претприемачи кои ќе понудат конкретни решенија за проблемите на општините. Средствата ќе одат кај идеи што носат резултати, а не кај проекти што завршуваат во фиока“, се наведува во соопштението.

Од партијата оценуваат дека со ова се создаваат услови за поголемо поврзување на локалната самоуправа, универзитетите, иновативниот сектор и бизнис-заедницата.

Создаваме услови младите да останат во државата

Во соопштението се прави споредба со претходната власт, при што се наведува дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема конкретни мерки за младите.

„Додека СДС со години само зборуваа за младите, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема конкретни чекори што отвораат можности и перспективи во Македонија“, наведуваат од партијата.

Воедно додаваат:

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ создава услови младите да останат, да работат, да напредуваат и да ја градат својата иднина токму овде.“

Според ВМРО-ДПМНЕ, целта е „модерна, развиена Македонија во која младите ќе бидат двигател на промените, а не генерација што ќе биде принудена да замине“.