Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на кампањата „16 дена активизам“ организираа настан под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“. На панел-дискусијата беа отворени клучните прашања поврзани со институционалната заштита и раното препознавање на семејното насилство.
Во своето обраќање, претседателот на Градскиот комитет на партијата и директор на ФЗО, Златко Перински, се осврна на улогата на здравствените установи, посочувајќи дека медицинските лица се најчесто првите што стапуваат во контакт со настраданите лица кои понекогаш го прикриваат проблемот.
„Здравствениот систем и здравствениот работник во државата, можеби е и првиот контакт, првиот потенцијален контакт на жртвите од насилство. Зошто го велам ова? Заради тоа што има некогаш и предизвици во делот на декларирање или во делот на признавање дека се случило насилство и затоа е многу битно здравствениот работник да има утврден протокол, правилник, на крајот на денот, и знаење како точно да постапи со утврдени или евидентирано насилство за да не оставиме на граѓанинот да лута по институции“, рече Перински.
Тој понатаму додаде дека физичкото насилство не е единствената форма на загрозување на здравјето, туку во огромен број случаи жртвите се соочуваат и со долготраен психолошки притисок.
„Можеби во иднина треба и повеќе да се фокусираме во тој дел, заради тоа што тоа е можеби малку потешко да се открие, да се воочи за да може да се помогне. Во таа насока Фондот за здравствено осигурување, како купувач на здравствени услуги е одговорен во здравствениот систем да гарантира одржливост во делот на испорака на здравствените услуги кон здравствените осигуреници и тоа го правиме. Секоја година имаме зголемување на буџетот, ревносно ги порамнуваме нашите обврски кон здравствениот систем и во таа насока и ќе продолжиме“, истакна Перински.
Перински потсети дека надлежните ресори веќе реализираат конкретни мерки со цел подигнување на подготвеноста на медицинскиот персонал за соодветно постапување.
„Сакам да потсетам дека во изминатите две години Министерството за здравство заедно со останати политички чинители, како што е Министерството за демографија поддржано од меѓународни институции веќе изготви одредени правилници и протоколи коишто треба да се однесуваат во насока на давање на патокази на здравствените работници за да можат подобро, поедноставно и пообучено да ги насочуваат жртвите од семејното насилство. Останува на институциите да ги усвојат и веќе да станат оперативни. Паралелно со овој процес, повеќе од 260 здравствени работници веќе се поминати со обуки, така да соодветно е позиционирана и оваа активност и навистина се посветува доволно внимание“, појасни Перински.
