Александар Пандов, Сашо Клековски, Гоце Димовски се дел од имињата кои Владата на денешната втора седница ги назначи за раководни кадри на пет државни институции, пренесе 360 степени.
Во соопштението од владината прес-служба испратено по завршување на седницата се наведува дека на позицијата в.д. директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони е назначен Гоце Димовски, а за нов в.д. директор на Управата за извршување на санкции е назначен Александар Пандов.
Сашо Клековски е назначен за в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување, а со Агенцијата за храна и ветеринарство ќе раководи Оливер Миланов.
Владата, како што се додава во соопштението, му препорачала на Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Здравко Трајанов за в.д. директор на „Национални шуми“.
Во соопштението се наведни образованието што го имаат и дел од работните ангажмани на назначените директори.
За Димовски се вели дека е доктор на науки и оти има работно искуство во повеќе институции и компании, како и во имплементација на инвестициски проекти финансирани од различни меѓународни финансиски институции како што се Светската банка, Европската инвестициска банка, Банката за развој при Советот на Европа, Европската банка за реконструкција и развој и Германската развојна банка КфВ.
За Александар Пандов се вели дека е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Бил пратеник во македонското Собрание од 1998 до 2002 година и оти има работно искуство во приватниот сектор.
Во описот за Клековски се вели дека има завршено Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. За него се вели дека има триесетгодишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор, како и дека е основач е и член на органи на повеќе граѓански организации.
Оливер Миланов, како што се наведува во владиното соопштение, завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата в.д. раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство.
За Здравко Трајанов се вели дека е редовен професор на Шумарски факултет во Скопје. Тој бил член на бордот на директори на ШИК „Плачковица“, а бил и надворешен советник во ЈП „Македонски шуми“. Трајанов бил советник во Советот на Општина Радовиш, како и пратеник во парламентот од 2020 до 2024 година.
Освен назначувањето на директори на неколку институции, Владата на денешната седница донела одлука за укинување на економските директори на јавните здравствени установи.