Институциите ќе добијат нови регистарски таблици во боја за поголема отчетност и контрола на службените автомобили

Сите државни институции и јавни правни лица ќе имаат обврска најдоцна до 15 септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови таблици во боја.

Одлуката е донесена на денешната седница на Владата. Таа произлегува по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.

Целта на оваа мерка, како што информираат надлежните, е зголемување на транспарентноста и контролата во користењето на службените возила.

Преку обележувањето со нови таблици во боја, граѓаните ќе можат лесно да ги разликуваат овие возила од приватните.

Со ова ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели, велат од Службата за општи и заеднички работи.

Во наредниот период, ќе биде отворена и посебна телефонска линија. На неа граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените возила.

Секоја пријава, според најавите, ќе биде евидентирана. Институциите ќе постапуваат според важечките законски процедури.

Во завршна фаза е и креирањето на централен регистар на сите службени автомобили.

Овој регистар ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење, соопштија од СОЗР.

Со оваа владина одлука, според надлежните, се исполнува уште едно клучно ветување – одговорно управување со државните ресурси.

Државата, како што наведуваат, испраќа јасна порака дека јавните ресурси се за јавна употреба, а не за приватен интерес.

Преку воспоставување на систем за јавен увид и контрола, се поставуваат повисоки стандарди.

Целта е постигнување поголем интегритет и одговорност во работењето на сите институции.