Владата прогласи 7-дневна жалост на територијата на целата држава, поради катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 59 млади лица, а над 100 се хоспитализирани.
Седницата започна со едноминутно молчење во чест на трагично загинатите. Владата информираше дека Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на министерството.
Премиерот Мицкоски ќе одржи прес-конференција
Вонредни инспекции во сите угостителски објекти
Владата донесе одлука со која го задолжи Државниот пазарен инспекторат да изврши итен инспекциски надзор на сите ноќни клубови, дискотеки и кабареа низ земјата. Инспекцијата ќе има за цел да утврди дали овие објекти работат согласно законските стандарди. Владата очекува брзи резултати и соодветни мерки против сите кои не ги почитуваат прописите.
Меѓународна помош и истрага за одговорност
Во рамки на седницата беше донесен заклучок за активирање на механизмот за барање меѓународна помош. Владата во соработка со МВР продолжува со прибирање материјални докази и спроведување истрага за одговорноста на сите инволвирани во трагедијата.
„Никој не е над законот. Секој кој свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе одговара пред правдата,“ стои во соопштението.
Поддршка за семејствата на жртвите и повредените
Владата изрази најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и информираше дека сите здравствени капацитети се ставени на располагање за брзо закрепнување на повредените.
Во оваа трагична ситуација, Владата повика случајот да не се политизира, нагласувајќи дека целата вистина ќе биде објавена транспарентно и дека нема да се скрие ниту една информација од јавноста.
Извор: Курир