Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ добиле официјално известување од претседателот на Собранието, Талат Џафери дека Владата го повлекува Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

„Ве известувам дека Владата на Република Северна Македонија со допис заведен под број 08-2167/3 од 30 јуни 2021 година, ме извести дека Предлогот на закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование, примен и заведен во Собранието на 29 април 2021 година под број 08-2167/1 го повлекува“, се вели во дописот од Џафери.

Претставничката на иницијативата, Драгана Спасевска вели дека поради ова повлекување нема да се одржи ниту референдум, како што тие бараат.

Родителите излегоа на неколку протести во изминатиот период со барање за повлекување на предлог-Законот. Поднесоа и иницијатива за државен референдум каде ќе се изјаснат дали Законот да се донесе, меѓутоа, до денеска Владата не испрати допис до Државната изборна комисија. Без тој допис ДИК не може да ги отвори подрачните единици за собирање на потребните 10.000 потписи за одржување на референдум.