„Епопејата на 11 Октомври 1941 година започна со историската одлука на македонските граѓани да бидат дел од антифашистишкиот сојуз на прогресивните држави во Втората светска војна и со тоа да ја создаат државноста на нашата земја со победата над фашизмот како заедничка победа на прогресивните народи на Европа“, истакнува во својата објава на социјалните мрежи вицепремиерот задолжен за координација на економските ресори Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи го нагласи „делото на востаниците од 11 Октомври 1941 година кое недвосмислено го посочи патот по кој треба да се движи нашата државност. Тоа е патот на напредните демократии, европскиот пат, патот на демократските вредности“.
„Засекогаш останува долгот за достојно сеќавање и одбележување на овој голем ден за сите нас, за Албанците, Македонците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други, секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Нека е вековито сеќавањето на големиот ден – честит 11 Октомври, Ден на востанието“, напиша на социјалните мрежи вицепремиерот задолжен за координација на економските ресори Фатмир Битиќи.