Власта и опозицијата остануваат на своите ставови во врска со Декларацијата за Гоце Делчев. СДСМ вели дека таква Декларација не е потребна и дека името на нашиот револуционер не треба да се користи да дневно политички теми.
За ВМРО-ДПМНЕ пак скандалозна е одлуката пратениците од коалицијата на СДСМ да ја отфрлат Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев поднесена во Собранието, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека со отфрлање на Декларација за Гоце Делчев јасно се гледа дека СДСМ ниту ја имаат прочитано Декларацијата, ниту ја сфатиле сериозноста на оваа Декларација поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ не објасни што конкретно од Декларацијата за нив е неприфатливо, дали за нив е спорно истакнувањето на ликот и значењето на Гоце Делчев во револуционерната борба за државност на Македонија. Повторно ги повикуваме пратениците на СДСМ и коалицијата во Собранието да одговорат дали за нив е неприфатлив повикот до медиумите во годината кога се одбележува 150 годишнината од раѓањето на Делчев да вообличат содржини со кои ќе се одбележи ликот и делото на овој најголем херој на земјата? Не одговорија дали е неприфатлив повикот до Институтот за национална историја и до МАНУ да организираат научни собири по повод овој голем јубилеј? Дали за СДСМ е неприфатлив и повикот до училиштата, во рамките на одделенските и класните часови, да спроведат активност со која учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Делчев? Со одбивањето на Декларацијата во Собранието, СДСМ се против повикот за издавање на пригодна поштенска марка по повод овој голем јубилеј?, прашуваат од партијата.
Гоце Делчев е еден од главните пречи за договор меѓу историската комисија од двете земји. Бугарија инсистира Македонија да прифати дека тој бил Бугарин кој се борел за ослободување на Македонија од Османлиите.