Децата од ДР Конго, кои осум Хрвати се обиделе да ги посвојат и се обвинети за обид за трговија со деца во Замбија , мора да бидат вратени во својата татковина, изјави претставник на замбиското министерство, соопшти канцеларијата на Високиот комесаријат на Обединетите нации за Човечки права.
Комитетот на Обединетите нации за присилни исчезнувања одржа сослушување со замбиската делегација предводена од секретарот на Министерството за внатрешни работи, Диксон Матембо. Комитетот истражуваше како Замбија ги спроведува одредбите од Меѓународната конвенција за заштита на сите лица од присилно исчезнување, пренесува Хина.
Комитетот се интересираше за случајот со осум Хрвати осомничени во Замбија за трговија со деца – што заклучи истрагата за потеклото на посвојувањето, дали децата биле земени од нивните семејства или сиропиталишта и какви мерки Замбија има преземено за да се осигура дека посвојувањето не се резултат на присилно исчезнување.
Матембо одговори дека осум Хрвати со деца преминале од ДР Конго во Замбија, каде што замбиските гранични службеници ги проверувале нивните документи и контактирале со колегите од соседната земја.
Лажна документација
Децата биле во сиропиталиште и не било прв пат група Хрвати да ја преминат границата со деца, нагласи Замбиецот. Во соработка со властите во Конго било утврдено дека документацијата за посвојување била лажна, а сопственикот на домот за деца без родители е во бегство.
Децата треба да се „предадат на властите во Конго“, рече секретарот на Замбија.
Осуммина Хрвати беа уапсени на почетокот на декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно под сомнение за исправност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго.
Тие беа обвинети за обид за трговија со луѓе и фалсификување документи, а децата, кои поседуваат хрватски документи, им беа одземени и ставени под згрижување на Замбија.
Четири деца од Демократска Република Конго се под надзор на специјалните единици за заштита и безбедност на децата и се на непозната локација поради нивната безбедност, пишува замбискиот дневен весник.
Извор: Аljazeera Balkans.