Група политичари на ВЛЕН, координаторот на претничката група Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата Хасим Муртезани, биле задржани еден час во средата попладне на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница. Откако албанските полициски службеници не дале „зелено светло“ за влез во државата на едно од лицата во нивната придружба, целата група македонски политичари, во знак на протест, се вратила назад.
Според објава на пратеникот Ќоку на Фејсбук, делегацијата патувала кон Тирана по службени обврски, а иако тројцата функционери приложиле дипломатски пасоши, рутинската гранична контрола, која вообичаено трае неколку минути, се претворила во едночасовно задржување без никакво образложение.
Партијата ВЛЕН во соопштение побара објаснување од албанските власти.
„На граничниот премин Ќафасан, координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, беа задржани околу еден час без никакво официјално објаснување, иако сите тројца беа опремени со дипломатски пасоши.
Според информациите што неофицијално ги соопшти граничната полиција, против нив постои забрана за влез. Сепак, не им е соопштена никаква одлука, документ или оправдување.
ВЛЕН бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници.
Меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети забрани и процедури што оставаат простор за сомневање“ – пишува ВЛЕН во соопштението.
Поддршка за пратениците на Влен пристигна од лидерот на пратеничката група на Демократска партија на Албанија, Газмент Барди, кој рече оти ниту една институција на Албанија нема право да се однесува на овој начин кон легитимните претставници на Албанците од Македонија. Дополнително, напиша оти ваквите постапки се неприфатливи, спротивни на уставните обврски на Република Албанија да ги штити и почитува Албанците каде и да живеат и го нарушуваат духот на соработка и почитување што треба да ги карактеризира односите меѓу двете земји.
„Ниедна институција на албанската држава нема право да се однесува кон легитимните претставници на Албанците од Северна Македонија на понижувачки начин. Барам полицијата веднаш да даде јавно и транспарентно објаснување за овој настан. Албанија секогаш мора да биде држава која ги поздравува, почитува и заштитува Албанците, а не држава каде што тие се чувствуваат навредено или попречено. Ова не е само правно прашање, туку и национална и морална обврска“, напиша пратеникот Барди.
Инцидентот се случува во момент кога во Албанија се одржуваат серија масовни протести против проекторот за изградба на хотелски комплекс на албански остров во Јадранското Море, инвестиција на компанија на Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кои прераснаа во барање за оставка на премиерот Еди Рама.
