Такса за приближување до фонтаната
Туристите кои од денес сакаат одблизу да ја посетат познатата Фонтана Треви во Рим ќе мора да платат влезница од две евра. Новата такса важи во работните денови од 11:30 до 22 часот, додека за време на викендите се наплатува од 9 до 22 часот.
Мерката, според локалните власти, има двојна цел – да се намали прекумерниот број посетители и да се обезбедат средства за одржување на еден од најпознатите римски споменици.Влезницата се однесува исклучиво на посетителите кои се симнуваат по камените скали и се приближуваат до базенот на фонтаната, додека плоштадот околу Фонтаната Треви ќе остане бесплатен и отворен за сите.
Исклучоци и реакции од посетителите
Според правилата објавени уште во декември, од плаќање се ослободени жителите на Рим, лицата со попреченост и нивните придружници, како и децата под шестгодишна возраст. Дел од туристите кои ја посетиле фонтаната изјавиле за Ројтерс дека не се вознемирени од новата такса и сметаат дека таа може да помогне во намалување на гужвите.
Сепак, има и посетители кои не се согласуваат со ваквата одлука. Франческо Ното од Сицилија смета дека пристапот до културните споменици треба да биде право на сите.
„Но, што можеме да направиме? Да платиме и да се смееме“, изјави тој.
Милионски посети и проширување на наплатата
Според податоците од римските власти, повеќе од 10 милиони луѓе ја посетиле Фонтаната Треви во периодот меѓу декември 2024 и декември 2025 година. Овој период се совпаѓа со одбележувањето на католичката света година, кога околу 33,5 милиони аџии го посетиле Рим.
Покрај Фонтаната Треви, уште пет римски знаменитости кои претходно биле бесплатни сега се наплаќаат, меѓу кои Оранжеријата во Вила Боргезе и Наполеонскиот музеј.
