„Само брзи избори се решение за политичката криза кон која Заев ја турка државата, со насилие и недемократски методи во политичка криза и неизвесност. Вчера Заев мораше да киднапира пратеник, за на одреден период да си го продолжи мандатот и можноста за крадење. Со крајно недемократски средства е вршен притисок врз опозициски пратеници кои ставија потпис за пад на Владата на Заев да се откажат од тоа“, истакна Драган Ковачки.
И Димитар Апасиев останува на ист став дека Реџепи е киднапиран. Доцна синоќа тој дури и повика на радикализација на состојбите преку масовни протести и блокирање на Собранието.
„Парализирана е парламентарната демократија, суспендирана е, ова е преседан кој ќе ни се врати од глава. Кога можете пратеник да киднапирате и да држите, не знам дали го видовте видеото, мене ми изгледаше како оние заробеници на терористички организации пред егзекуција. Мислам дека треба опозицијата да размисли на радикализација на методите. Тоа значи протести, блокади, парализа на Собрание. Само по себе законодавниот дом не постои, бидејќи знаете ситуацијата е 60 – 60“, посочи Димитар Апасиев.
Од СДСМ бараат Мицкоски да им се извини на граѓаните и да поднесе оставка. Се покажа дека со измами, со манипулации не може да се дојде до парламентарно мнозинство, велат од владејачката партија.
„Наместо да се засрами, да се извини, да понесе одговорност, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со невистини за наводно киднапирање на пратеник. Во време кога истиот тој пратеник јавно објави дека бил под закани токму од опозицијата. Оние кои со меници држеа пратеници денеска полна им е устата со невистини. Затоа оставка. Срам е да не се извиниш за сите лаги и да не поднесеш оставка“, додава Богданка Кузеска.
Вчера во Собранието не беше изгласана недоверба на Владата, откако пратеникот на Беса Кастриот Реџепи не се појави во законодавниот дом и со тоа опозицијата го немаше потребното мнозинство.