ВМРО-ДПМНЕ бара случајот со водата во Гостивар итно да биде расчистен и сите инволвирани да понесат одговорност, оценувајќи дека општинската власт целосно потфрлила во своето работење и не успеала да им го обезбеди на граѓаните основното право на чиста вода за пиење.

Од партијата велат дека е недозволиво во 21 век, во време кога светот зборува за брз технолошки развој и вештачка интелигенција, граѓаните да бидат изложени на опасност поради несовесно, непрофесионално и неодговорно работење на надлежните.

„ВМРО-ДПМНЕ бара итно расчистување на случајот и одговорност за сите инволвирани кои несовесно, непрофесионално и неодговорно ги извршувале своите работни активности. На Македонија и на македонските граѓани потребни им се одговорни лица кои достојно, професионално, одговорно и во нивен интерес ќе ги извршуваат функциите за кои се избрани. Македонските граѓани заслужуваат да ги водат луѓе со интегритет кои ќе се грижат за нивниот живот и здравје, а не луѓе кои поради нивната неодговорност, животот им го ставаат во опасност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата го поврза случајот и со актуелниот градоначалник на Гостивар, Ваљбон Лимани, потсетувајќи дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на минатите локални избори го повикувал партиското членство да му даде поддршка.

„’Апелирам да мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Ваљбон’, го повикуваше Венко Филипче членството на СДС во Гостивар да даде поддршка за кандидатот Ваљбон Лимани за градоначалник на минатите локални избори“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека, според нив, неспособноста на кадрите поддржани од СДСМ и Филипче станува опасна за животот и здравјето на граѓаните. Како потврда го посочуваат случајот во Гостивар, каде, како што тврдат, поради нестручно и неодговорно поставени пумпи на општината и гостиварскиот водовод во отпадни води, во изминатите денови се затруле повеќе од 1.000 граѓани кои побарале медицинска помош.