ВМРО-ДПМНЕ денеска по седницата на Извршниот комитет, ќе ги соопшти имињата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и на дополнителните заменици министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ќе бидат дел од техничката влада. Од партијата веќе се изјаснија дека иако ќе предложат свои министри нема да ја гласаат владата на Талат Џафери.

Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да почне околу 20:30 часот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е овластен од Централниот комитет на партијата во консултација со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители, да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада.

Техничката влада треба да биде избрана сто дена пред парламентарните избори што се договорени за 8 мај. На 24 април ќе се одржат претседателските избори.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека утре ќе поднесе оставка, а претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде технички премиер денеска ќе ги објави датумите за неговата оставка и за изборот на техничката влада. На негово место ќе дојде Јован Митрески од СДСМ.