Од партијата наведуваат дека по, како што велат, обидите на Филипче и СДСМ да ѝ „сервираат“ информации на јавноста околу темата за канабисот, треба да дадат објаснување за фотографија со Тони Котев, сопственик на фирмата „ЦБД Медплант“, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со нелегална марихуана.
Во соопштението се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека стојат зад процеси поврзани со издавање лиценци за медицински канабис.
Партијата наведува дека во 2020 година имало иницијатива за легализација на марихуаната, а по неуспехот, според нив, следувало масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица блиски до СДСМ. Како што се додава, струмичкиот регион станал центар на производство.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и на измените на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, со кои, според нив, било дозволено одгледување и на отворено, оценувајќи дека тоа е во колизија со законските одредби и ГМП стандардите за медицинско производство.
„По големите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони, околу 30 тони потекнуваат од ‘ЦБД Медплант’, фирма основана во 2018 година од блиски луѓе до Заев“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат каде завршувала марихуаната што, како што тврдат, не можела да се користи како легален медицински производ и дали станува збор за лични или партиски интереси.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи, како што велат, целосната релација помеѓу Заев и Филипче и нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, нагласувајќи дека јавноста заслужува транспарентност и еднаквост пред законот.
