Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ

На денешната граѓанска трибина во Битола, организирана во рамките на кампањата „Се бориме за нашиот дом“, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека година и пол откако се на власт, таа не ги решава проблемите на граѓаните, туку ги игнорира. Тој посочи дека ова предизвикува чувство на неправда и дека граѓаните не смеат да молчат пред ваквото однесување.

Филипче ги повика граѓаните да гласаат на 19 октомври за враќање на Македонија на вистинскиот пат

Филипче истакна дека пред неправдата не треба да се молчи и дека граѓаните мора да го кренат гласот кога се руши она што со генерации било градено.

„А денес, токму тоа се случува. Оваа власт не ги решава проблемите на луѓето туку ги игнорира. Оваа власт гази по солидарноста, човечноста, демократијата, напредокот и правичноста. И тоа нѐ боли“, рече Филипче.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ја гледа државата како плен и дека владее преку страв и поделби.

„Власт што и по година и пол централна власт и четири години локална власт нема визија, нема реформа, нема одговор на ниту еден клучен проблем“, потенцираше лидерот на СДСМ.

На крајот, Филипче ги повика граѓаните на изборите на 19 октомври да гласаат за враќање на Македонија во рацете на народот.

„Да се избориме за Битола што ќе расте и ќе се развива. Да се избориме за Македонија што ќе оди напред“, порача тој.