Мицкоски рече дека главното прашање е колку со договорите се подобри квалитетот на живот, и дали народот е задоволен неколку години потоа, каде се ветувањата на Заев дека ќе дојде ЕУ, дека ќе дојдат високите плати, бесплатното здравство, отворање на границите и бесконечни можности?

Напомена дека воедно одлуката и извештајот на САД се однесува првенствено и на високото ниво на корупција.

– Ајде да зборуваме за тоа дека ниту една голема афера нема правна разрешница. Кој човек од власта лежи казна затвор. Зошто Заев го брани Рашкоски, а судот испорачува и го ослободува. Каде се парите од рекетот? Зошто се дозволи да избега Ден Дончев иако на камери видовме како зема туце пари. Што е со пасошите давани за криминалци и аферата мафија. Таму лежат службеници, а нема истрага за Спасовски. Зошто никој не го викнал Вице за рекетот од 250 илјади евра во РЕК, додека Ковачевски за зделката е унапреден од директор на РЕК во директор на ЕЛЕМ. Има уште стотици и стотици други скандали, афери, криминали, кражби, неправди и измами, рече Мицкоски.

Говорејќи за бранењето на стратешките интереси, Мицкоски праша кој може подобро да ги брани или застапува, самиот тој кој, како што рече, едно пенкало во животот немам украдено или Заев аболиран кој украде цела држава?

– Па драги пријатели, кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ? ВМРО-ДПМНЕ. Епа, ова е најдобриот демант на тезите на домашните пара-аналитичари кои сами прават некакви листи во име на Заев.