Премиерот Ковачевски во вчерашното интервју за МИА рече „Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“, пренесува Сител.

– „Истовремено, нема осуда за пораките за 2-ри Август од Софија. Имено и бугарскиот претседател Радев и бугарскиот премиерот Денков, Илинденското востание го декларираа како бугарско, чија крајна цел била присоединување на Македонија кон Бугарија. Ова е историска невистина, претставува директно негирање на македонскиот идентитет и темелот на македонската државност, но и патоказ за бугарското делување во иднина. Ковачевски ова го премолчи во интервјуто и нема ниту збор за него. Јасно е дека Бугарија е подготвена преку протоколите и преговарањето за заедничката историја да го смени целосно наративот на македонската историја и државност и истото да го претвори во услов за нашето напредување кон Европа. Ковачевски ова го прифати, па сега бара национален консензус. Што значи, со други зборови, други да ја споделат со него одговорноста за катастрофалната политика и дипломатија. Националното единство Ковачевски со неговата ароганција и игноранција пропушти да го направи пред точно една година. И тогаш и сега порачуваме, промена на Уставот под бугарски диктат нема да има!“ – изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Несериозни и нереални се изјавите на Ковачевски дека бугарските државници нема да имаат дополнителни и нови услови по уставните измени, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашното интервју на премирот во кој тој тврди дека нема да има нови бугарски барања во процесот на македонската евроинтеграција. Од партијата на Мицкоски велат дека Ковачевски во интервјуто се повикал на непостоечки изјави од официјална Софија.