ВМРО-ДПМНЕ тврди дека економијата бележи раст, а куповната моќ е поголема од периодот на СДС

ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања кон СДС дека не ги признава позитивните економски показатели и дека се обидува да ги минимизира резултатите на актуелната Влада. Од партијата велат дека растот на бруто-домашниот производ и другите економски параметри покажуваат стабилизирање на економијата и постепен напредок.

„Излегуваат на прес-конференција каде јавно признаат дека им смета растот на БДП од 3,1%, кој впрочем е раст од 3 или над 3% седми квартал по ред, односно од заминувањето на СДС во длабока опозиција“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Македонија со раст на БДП од 3,1 проценти во првиот квартал од 2026 година е меѓу првите пет економии во Европа според растот, повикувајќи се на податоци од европските институции.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека индустриското производство во април годинава бележи раст од 7,6 проценти во однос на истиот месец лани, како и дека во изминатите две години се отворени околу 16.000 нови работни места.

Споредби со периодот кога СДС беше на власт

Во реакцијата, владејачката партија упати критики кон Фатмир Битиќи и раководството на СДС, оценувајќи дека за време на нивното владеење државата се соочувала со висока инфлација и слаб економски раст.

„Во нивно време инфлацијата рушеше двоцифрени европски и светски рекорди, народот живееше полошо, одвај преживуваше, економијата бележеше, ако може да се нарече, раст од два и нешто проценти“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ презентираат и споредби за куповната моќ на граѓаните преку цените на одредени производи и висината на минималната плата. Како пример наведуваат дека во 2022 година со минимална плата можело да се купат 442 килограми компири, додека сега 593 килограми, а слични пресметки изнесуваат и за јаболката и шеќерот.

Партијата оценува дека овие показатели покажуваат оти граѓаните денес можат да купат повеќе основни прехранбени производи отколку во периодот кога СДС беше на власт.

„Ваквата тенденција, сега споредено со периодот на СДС, граѓаните со нивните плати да можат купуваат повеќе, ја има кај скоро сите основни прехранбени производи. И ова јасно потврдува дека куповната моќ на граѓани, споредено со периодот на власт на СДС, кога инфлацијата беше двоцифрена, е многу поголема“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот од соопштението, од партијата порачаа дека очекуваат позитивните економски показатели и натаму да продолжат и покрај критиките од опозицијата.