-На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски, рече Мицевски.
Според него, меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да ги протне е и Предлог – законот за контрола на опојни дроги односно законот за марихуана.
-Колку за информација, овој предлог-закон, власта предводена од Заев, упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана, вели Мицевски.
Уште еден закон кој е со европско знаменце е Законот за парнична постапка, а, како што кажа, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно петстотини. Ова, додаде Мицевски, е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта.
-Уште еден контроверзен Предлог – закон со кој власта има намера да го манипулира системот на избор на судии и јавни обвинители е Предлог-законот за академија на судии и јавни обвинители. Овој закон, првично пред десетина дена беше поднесен во редовна постапка, па беше повлечен, за сега магично и преку ноќ, истиот да се поднесе со европско знаменце. Очигледно, некому му пречи дискусијата од опозицијата и очигледно на некому многу му се брза при изборот на судии и јавни обвинители, рече коодинаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и опозициската партија, вели тој, апелира до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со шверцерското носење на законите. Тие бараат власта да го почитува Деловникот на Собранието и да ги презакажат матичните комисии каде што сите овие закони ќе бидат разгледани во нормална и редовна постапка, со дебата и дискусија и од пратениците од опозицијата.
-Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не го сторат тоа и не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно од оваа говорница им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, тесно-партиските и коалициските интереси да бидат на прво место, пред интересите на сите граѓани на Република Македонија. Нема да дозволиме поради неспособноста и криминалот на власта и Зоран Заев, повторно ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да бидат виновни. Единствени виновници се токму тие и никој друг, рече Мицевски.