ВМРО – ДПМНЕ ја почна постапката за собирање потписи за референдум за престанување на важноста на Договорот за пријателство со Бугарија, а повторно предупредување дека престанувањето на важноста на Договорот ќе ја запре нашата евроинтеграција упати претседателот на државата Стево Пендаровски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Државната изборна комисија (ДИК) поднесе иницијатива за Референдум со очекување дека до краот на денот во подрачните канцеларии на ДИК ќе бидат собрани сто потписи за таа да биде доставена до Собранието. Редефинираното референдумско прашање гласи: Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник на Република Македонија број 12/2018 од 18. 01. 2018 година?

Доколку референдумот се случи, додаде тој, граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со „за“ и на тој начин престанува да важи овој договор со Бугарија или „против“ односно останува да важи овој договор со Република Бугарија. Ги повика политичките партии, граѓаните без разлика на нивната етничка припадност и невладините организации да го поддржат референдумот.

– Сите поединци да се обединат во едно општествено семакедонско обединување и да застанат против тоа што претставува главен проблем на нашата европска интеграција, а тоа е Договорот што го има потпишано Република Македонија со Република Бугарија и затоа кога ќе се случи овој референдум да излезат масовно и да гласаа „за“ престанок на важноста на Законот со којшто овој Договор е ратификуван во рамките на Парламентот, изјави Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија одговарајќи на новинарско прашање за можни опструкции, рече дека се очекува имајќи го предвид, како што наведе, „карактерот на хибридниот режим којшто во моментот е парламентарно тенко мнозинство“.

Мицкоски ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски во која вели дека со овој референдум всушност би ги прекинале преговорите со ЕУ, посочувајќи дека тој често пати прави „политичка гимнастика во сопствените изјави“ и оти од ден на ден покажува дека не е достоен да ја извршува функцијата претседател.

-Се сеќавате, тој истиот Стево Пендаровски дури и сугерираше референдумско прашање и во една своја изјава кажа дека е тоа легитимен чин ако не се лажам па потоа направи една гимнастика и се повлече од сето тоа за да денеска е најголем плукач на референдумското изјаснување. Ако сака да биде претседател на сите граѓани ќе мора да ја почитува и волјата на оние граѓани коишто се определуваат за опозицијата и коишто имаат различно мислење од власта. Јас навистина жалам што од ден на ден Стево Пендаровски потврдува дека не е достоен да ја извршува функцијата која што ја извршува, а тоа е претседател на сите граѓани и жалам што овој човек ќе има уште малку можност да биде таму каде што е, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека не може да разговараме за европски интеграции ако не сакаме да имаме договори за добрососедство со соседите. Не поддржува референдум со кој би се поништил Договорот за добрососедство со Бугарија, оти тоа, како што вели, би ја запрело европската интеграција на земјава. Тоа, нагласува, би било исто како да веруваме оти може да го поништиме Преспанскиот договор со Грција, а да веруваме дека може да останеме членка на НАТО. Тоа, потенцира Пендаровски, не е можно.

-Ова не е мој ад хок став, тоа е втемелено на аргументи и на процес на размислување до што може да доведе ако тој референдум биде успешен. Да нема некоја забуна, да повторам уште еднаш. Ако вие го оспорувате или се обидувате да го оспорите преку референдум билатералниот Договор со Бугарија и европските интеграции и преговори, тоа е исто како некој да ви каже дека можете на референдум да го оспорите или поништите Договорот со Грција – Преспа и да останете членка на НАТО, не е можно. Значи, да немаме илузии, билатералните договори со соседите и добрососедските односи како што ги именуваат во ЕУ се еден од клучните предуслови, секогаш и биле, за интеграција на која било држава не само од овој регион, туку на целиот посткомунистички свет по 1990 година, изјави Пендаровски.

Во врска со тоа дали би иницирал средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски, чија партија покрена постапка за распишување референдум, претседателот Пендаровски истакна оти секој што посакал да разговара со него за кое било прашање, тоа го добил, и оти и тој како претседател иницирал средби и разговори со сите политички чинители.

– Останувам отворен за разговори за кое било прашање што ги тангира интересите на државата и пред се интересите на граѓаните. Меѓутоа, во однос на ова ваше прашање, мојот став е познат, а го соопштив вчера на македонската јавност, рече Пендаровски.

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ на прес-конференција изјави дека иницијативата на Мицкоски ќе пропадне и оти СДСМ, европската коалиција што ја предводи, како и мнозинството граѓани, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ одново да ја загрози европската иднина, нема да дозволат само заради негови лични интереси, македонското општество повторно да биде изолирано и поделено како што тоа беше во време на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Мицкоски и Апасиев нема да ја спречат европската иднина на државата, рече Костовски.

Владата предводена од СДСМ преку одговорен, државнички пристап ги реализираше двете стратешки цели во надворешната политика: полноправното членство во НАТО, а започнаа преговорите за членство во Европската унија. Костовски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски по секоја цена дејствува антиевропски и на штета на државните и националните интереси.

-Иницијативата за референдум на Мицкоски не е ништо друго освен последен очајнички обид да се попречи европската иднина на државата. Оваа иницијатива која е осудена на неуспех е исклучиво за внатрепартиска употреба на Мицкоски за да ја спаси сопствената фотелја во белиот дворец. Мицкоски веќе нема поддршка ниту во сопствената партија, а единствен партнер во неговите деструктивни политики е политичката партија Левица декларирана како анти НАТО и анти ЕУ опција.

НСДП е против идејата за спроведување на референдум за прашања за кои државата усвоила стратешки документи во 90-тите години и целокупната државна политика и реформи во изминатите 31 година од независноста на државата се во насока на исполнување на критериумите за зачленување во ЕУ и НАТО. Партијата смета дека вистинската намера на опозицијата е референдумот да го искористи во политички цели за проверка на нивната поддршка, а не во насока на зајакнување на државната политика на прогрес и чекорење напред кон Европската Унија.

-Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат референдумот да го искористат како алатка, поточно анкета на државен трошок за да го проверат мислењето на народот за нивните, според НСДП, ретроградни политики и тоа не треба да го поддржат граѓаните и јавноста претставена преку медиумите и невладиниот сектор, но и партиите од владеачката коалиција, велат од НСДП.