Власта не отстапи од намерата и не го слушна гласот на граѓаните и ги протурка штетните и дискриминаторски измени на Законот за административни службеници.
За жал, владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ не сакаа еднакво и правично законско решение со кое ќе беа опфатени сите вработени во јавниот сектор.
Токму затоа, сакаме да ја информираме јавноста дека пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на денешната 68-ма пленарна седница го поддржа овој Закон, но потенцираме дека остануваме на ставот дека ова законско решение е штетно и не ги застапува интересите на сите вработени во јавниот сектор. Го поддржавме овој Закон само поради тоа што нашата цел е да излеземе во пресрет на барањата на синдикатите и вработените во јавниот сектор. Но, нашите заложби се’уште остануваат и ќе бидат насочени кон подобро законско решение од ова кое власта го туркаше изминатиов период во законодавниот дом.
Имено, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата постојано укажуваше на фалинките и недостатоците на Предлог измените на Законот и во текот на постапката, по барање на сите репрезентативни синдикати, поднесе амандман со кој што се предвидуваше линеарно зголемување на платите за сите вработени во јавниот сектор за 2.800 денари. Сепак за власта, од неразбирливи причини, нашиот амандман не беше прифатлив и беше едногласно одбиен.
Власта покажа дека нема слух за нашиот предлог и упорно ги туркаше измените на овој Закон со кој што сега ќе има покачување на платите само на службениците со ниво „Г” на сложеност на работа, а за сите останати покачување ќе нема.
Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, апелиравме дека ова е штетно законско решение кое поттикнува класична дискриминација, потценување и омаловажување на вработените во јавниот сектор. Дополнително, апелиравме и дека ова законско решение поттикнува и негативни ефекти кои ќе направат дисбаланс на платите во сооднос со сложеноста на работните места, со што уште повеќе негативно ќе влијае на мотивот за работа на вработените во јавниот сектор.
На крајот, сакаме да им порачаме на власта и владејачкото мнозинство дека граѓаните уште еднаш ја препознаа и се уверија во неискреноста и арогантноста на власта која наместо да носи решенија за подобро утре и подобар стандард на сите граѓани, таа уште повеќе создава дополнителни проблеми и ја зголемува и онака веќе огромната бројка на граѓани приматели на минимална плата. Токму затоа, се ближи денот кога граѓаните ќе и го испорачаат одговорот на оваа ненародна власт предводена од двоецот СДСМ/ДУИ.