Во текот на минатата 2021 година полицијата изрекла 8164 казни на возачи кои не ги почитувале сообраќајните знаци, правила и прописи што се однесуваат на максимално дозволената брзина на движење. Казните се изречени за возачи кај кои е евидентирани пребрзо возење на тетовското подрачје поточно на автопатот Гостивар-Tетово-Скопје и регионалните и локалните сообраќајници во Тетовско, како и на тетовските улици.
– Секторот за внатрешни работи Тетово и годинава продолжува со контролни активности за брзина и посебно во вечерните часови, кога се активира таканаречениот „ноќен радар“ и ќе ги санкционира сите прекршоци. Ова, дотолку повеќе што и минатата година неприлагодената брзина е најчестата причина за сообраќајни несреќи на ова подрачје со вкупна бројка од 299 несреќи, а веднаш потоа и неправилно вршење на дејствие со 227 случаи, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Меѓу казнетите има и возачи кои управувале со над 70 километри на час повеќе од дозволеното. На сите пребрзи возачи изготвени им се поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и нив ги очекуваат соодветни парични глоби кои за овој вид прекршок се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од големината на пречекорувањето. Дел од казнетите се соочуваат и со мерка времено одземање на нивните возачки дозволи од три месеци до една година.