Преку Ковакс механизмот во Албанија синоќа пристигнаа 40.800 дози вакцина од „Астра Зенека“.
– Албанската Влада успеа да плати 1.140.000 дози вакцини преку Ковакс и синоќа пристигнаа уште 40.800 дози на „Астра Зенека“, кои веднаш ќе бидат дистрибуирани низ цела Албанија, за да се продолжи со масовната вакцинација на населението на 60-годишна возраст и сите загрозени групи, а продолжуваме и со вработените во сите тур-оператори, изјави Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и социјална заштита.
Истакнувајќи дека досега се обезбедени 400 илјади дози вакцини, Манастирлиу рече дека се очекува да пристигнат и други дози вакцини од „Астра Зенека“, „Фајзер“ и „Синовак“.
– Досега обезбедивме над 400 илјади дози вакцина, вакциниравме над 300 илјади граѓани и ќе го продолжиме овој процес се додека не се вакцинира последниот граѓанин. Ние нема да се откажеме во ниту еден момент, бидејќи за нас прв приоритет е заштитата на здравјето на граѓаните, така што ќе продолжиме интензивно да ги одржуваме високите стапки на вакцинација како што правевме досега, рече Манастирлиу.
Според неа, вечерва се очекува да присигне нова пратка од 50 илјади дози вакцини „Астра Зенека“ а од понеделник над 200 илјади вакцини на „Синовак“ и 8.120 вакцини на „Фајзер“.
Манастирлиу додаде дека на крајот на април очекува да имаат околу 700 илјади вакцини и ја повтори целта за имунизација на 500 илјади лица до крајот на мај.