Во барот во Кран Монтана од 2019 година немало инспекции за противпожарна безбедност

Во барот „Констелејшн“, лоциран во швајцарското зимувалиште Кран Монтана, каде што во пожар на новогодишната ноќ загинаа 40 лица, од 2019 година не биле спроведени инспекции за противпожарна безбедност. Ова денеска го изјави градоначалникот на Кран Монтана, Николас Феро, цитиран од британските медиуми.

Градоначалникот признава пропуст

„Длабоко жалиме. Немавме поим дека не се извршени инспекции“, изјави Феро пред медиумите, осврнувајќи се на периодот од 2020 до 2025 година, во кој, според неговите зборови, не биле направени потребните контроли. Тој додаде дека пената за звучна изолација, поставена на таванот во барот Констелејшн, во минатото била оценета како безбедна.

Забрана по трагедијата

Истражителите соопштија дека пожарот, кој брзо се проширил во раните утрински часови на 1 јануари, најверојатно бил предизвикан од запалени свеќички поставени на шишиња, кои потоа го зафатиле таванот во подземниот дел од објектот. По трагедијата, ваквите свеќички се целосно забранети во сите објекти во Кран Монтана, информираше градоначалникот Феро.