Дигиталниот уметник Дрис Депуртер создал софтвер кој ги следи дневните преноси во живо на „Јутјуб“ од фламанските владини состаноци.

Неговиот софтвер пронаоѓа телефони на снимката и препознава лица кои подоцна ги идентификува, а со тоа и открива кои политичари ги користат своите мобилни телефони за време на седниците.

Видеата од несовесните законодавци потоа се објавуваат на официјалните профили на „The Flemish Scrollers“ на социјалната мрежа „Твитер“ и „Инстаграм“ со опис во кој самиот софтвер ги обележува политичарите и ги замолува да останат фокусирани.

Идејата зад овој проект ја „потсети“ јавноста за случајот кој се случи пред повеќе од две години кога фламанскиот министер Јан Џамбон предизвика жестоки реакции во јавноста откако беше „фатен“ дека игра „Angry Birds“ за време на дискусија.